Кога астероидите ќе ја погодат безживотната планета, понекогаш кратерите кои настануваат потсетуваат на некое уметничко дело. Леталото на НАСА, „Mars Reconnaissance Orbiter“ (MRO), воочи еден таков, свеж настанат кратер кој со својот изглед не наликува на досегашните кратери.

Освен што се издвојува по неговата големина и ударните бранови, тој се истакнува и по својата темно-сива и сина боја, кои отстапуваат од вообичаената црвенкаста боја на Марс, пишуваат од „Science Alert“.

Кратерот е снимен со камера со висока резолуција (HiRISE) кога леталото се наоѓало на околу 255 километри над планетата.

„Марс секоја година го бомбардираат повеќе од 200 астероиди и комети, овој кратер е еден од најимпресивните кои некогаш сум ги видела“ – изјавила Вероника Бреј од Универзитетот во Аризона.

Објектот кој удрил во Црвената планета бил со дијаметар од околу 1.5 метри, но создал многу поголем кратер, со дијаметар од околу 15-16 метри. Темната зона во средиштето на фотографијата го прикажува ударниот бран, односно прашината која “одлетала“ од страна и ја открила темната карпеста површина. Научниците сметаат дека станува збор за базалт, магматска карпа со сиво-црна боја.

Бреј верува дека светло-сината боја го прикажува мразот кој се крие под површината.

Не се знае точниот датум на ударот на астероидот, но сепак астрономите сметаат дека кратерот настанал меѓу септември 2016-та година и февруари 2019-та година.