Апликацијата Mobdro е за сите оние кои ја потпишаа петицијата за враќање на Eurosport 1 и 2, Discovery, TLC и Animal Planet во ТВ понудата на македонските оператори

Деновиве на Facebook и останатите социјални мрежи се шири петиција за враќање на ТВ каналите Eurosport 1, Eurosport 2, Discovery, TLC и Animal Planet, кои од 1. јануари 2018 беа отстранети од понудата на телекомуникациските оператори Македонски Телеком и ВИП.

Во петицијата испратена до Агенцијата за електронски комуникации, Македонски Телеком и ВИП се наведува следното:

“Бараме ИТНО враќање на ТВ каналите Eurosport 1 i 2; Discovery, TLC i Animal Planet. Бараме крај на самоволието самоинцијативно без консултација (анкета) со корисниците да се менуваат и укинуваат ТВ каналите кои се корисни за развојот на децата, како едукативни и спортски канали кои помагаат за развивање на спортски и натпреварувачки дух кај нив,  а нас возрасните не лишувате од најдобриот и најгледаниот спортски канал пред почетокот на зимската Олимпијада. Во морето на шунд што го имате во понудата на ТВ канали овие кои ги укинавте беа најгледаните. Во иднина пред да преземате било каква измена спроведете анкета. Бараме итно враќање на наведените ТВ канали, во спротивно ќе ги преземемe сите можни правни механизми за масовно раскинување на договорите со вас без плаќање пенали”.

За сите оние на кои им недостасуваат овие ТВ канали, нудиме совршена алтернатива за нивно понатамошно следење. Се работи за апликацијата Mobdro. Исполираната, функционална, богата со содржини и пред се бесплатна апликација за Android паметните телефони, таблети, смарт телевизори го донесува сето наведено. Функционира на начин што на корисникот му нуди голем број live-stream канали категоризирани според жанр. Самиот број на канали е масивен, но и покрај тоа е екстремно функционална и едноставна за користење.

Како да се дојде до апликацијата?

Апликацијата нема да ја пронајдете на Google Play Store бидејќи услугата која ја нуди не е во согласност со некои правила на споменатата Android продавница. Но, можете да ја пронајдете на веб адресата http://www.mobdro.com. По преземањето на апликацијата, стартувајте го симнатиот фајл за да ја почнете инсталацијата. Во голем број на случаите, вашиот паметен телефон ќе ве предупреди дека морате да ги вклучите непознатите извори во поставките на безбедноста, што и ќе го направите. Упатството за инсталација ќе го пронајдете на овој линк.

По самата инсталација и стартувањето, Mobdro ќе ви ги претстави и предностите на Premium верзијата на апликацијата. Она што е најпримамливо, сигурно е отстранување на рекламите, но ова можете да го добиете и бесплатно ако знаете како да го забрзате и исчистите вашиот Android телефон.

Користење

Под споменатата примамлива понуда за Premium можностите, се наоѓаат категории меѓу кои има сигурно по нешто за секого. Со изборот на категорија ќе добиете листа на канали кои можете да ги пребарувате и преку клучни зборови. Со притискање на каналот автоматски се стартува stream-от, а со самото тоа и вашето уживање. Посебно ќе бидат задоволни спортските фанови, бидејќи на располагање се сите популарни канали (Eurosport 1,2 Arena Sport 1,2,3,4, Sky Sports 1,2,3,4, сите канали на SportKlub, Liverpool TV, Chelsea TV, Nba TV, NBC sports), кои инаку не можете да ги добиете без плаќање и работат перфектно. За издвојување се и многубројните бесплатни канали за гледање филмови и серии, како на пример Sky Movies, HBO, Action Movie, FOX, CBS Drama и други, како и документарните канали Discovery, Animal Planet, TLC, National Geographic и многу други.

Листата на сите канали достапни на Mobdro ќе ја пронајдете на следниот линк.