Volvo развива нови автомобили со помош на очила за „мешовита реалност“ (ВИДЕО)

Се чини иднината кога станува збор за развојот на автомобилите е тука – Volvo Cars и Varjo, фински производител на очила за проширена реалност, започнале да го користат принципот на мешовита реалност за оценување на прототипови, модели и технологија за активната безбедност.

Volvo и Varjo за прв пат овозможуваат возење на вистински автомобил со употреба на очила за мешовита реалност, а во исто време, со цел развој се додадени виртуелни елементи или сеопфатни функции кои се чинат реално, како за возачот, така и за сензорите на автомобилите.

 

Шведскиот производител истакнува дека ова е првиот случај на користење на оваа технологија во автомобилската индустрија.

Очилата Varjo XR-1 обезбедуваат фотореалистична мешовита или виртуелна реалност со висока резолуција. Како такви, овие очила во голема мера може да го намалат времето за развој на нов автомобил, создавајќи нови можности за речиси инстант проценка на функциите и моделите.

Споредбено со нивниот претходник, XR-1 очилата имаат дополнителни камери со висока резолуција кои овозможуваат мешовита реалност.

Како резултат на тоа, дизајнерите и инженерите на Volvo Cars „ќе ги возат“ автомобилите на иднината и ќе ги оценуваат сите функции во симулирано окружување повеќе години пред нивното реално создавање, што на компанијата и овозможува да ги развие најбезбедните автомобили со најнапредно корисничко искуство.

„Благодарение на пристапот со примена на мешовита реалност, можеме да почнеме со оценување на модели и технологии, додека се уште се во фаза на цртеж“, вели Хенрик Грин, директор за технологија во Volvo Cars.

„Наместо вообичаениот статички метод за проценување на нови производи и идеи, концептите веднаш можеме да го пробаме на пат. Овој пристап обезбедува голем потенцијал за намалување на трошоците заради дефинирање на приоритетните задачи и отстранување на тесните грла во процесот на изработка на дизајнот и развојот многу порано“.

Овие очила на инженерите од Volvo Cars исто така им овозможуваат многу поедноставен развој и проценка на решенијата за активна безбедност. Експертите за безбедност во истражувачките центри на Volvo во Шведска може да возат на вистински автомобили, додека ги носат очилата XR-1, а притоа да испитуваат виртуелни активни безбедносни системи кои се изградени врз основа на аугментативна реалност во реално опкружување.

Извор: Додај Гас