Компанијата SpaceX успешно лансираше ракета со 60 сателити во вселената и со тоа направи голем чекор во својата мисија на креирање мегаконстелации кои ќе овозможат ефтин интернет ширум планетата. 

Ова е прва мисија која претставува зачеток на интернет констелацијата наречена Starlink, а почна со лансирањето на Falcon 9 ракетата од Кејп Канаверал. Во втората фаза на летот, ракетата го исфрли својот товар, по што 60 сателити завршија во орбитата. Основачот и директорот на Space X, Елон Маск рече дека сателитите ќе се рашират како шпил од карти. Потврди дека сите се „онлајн”, но не се знае дали сите се целосно функционални. Сепак, Маск и SpaceX во твитовите наведуваат дека се е во ред неколку часа по лансирањето. Следниот чекор е воспоставување контакти со сателитите.

Ако SpaceX соопшти дека сите сателити се функционални и се во контакт со станиците на Земјата, тоа и официјално ќе биде најголем чекор во историјата кога станува збор за ваквите проекти. SpaceX ќе ги надмине ривалите како Amazon и OneWeb, кои исто така сакаат да формираат интернет констелации.

Но, ни Маск не е сигурен дека се ќе оди според планот. „Се работи за многу нови технологии, можно е некои сателити да не работат. Можноста ниту еден сателит да не работи е мала”, истакна од претходно Маск.

SpaceX ќе мора да изврши уште шест мисии пред да воспостави конзистентна покриеност со интернет на малите делови од светот. Дванаесет лансирања ќе бидат потребни за компанијата да покрие значителен дел од светот.