Извршниот директор на Huawei неочекувано искажа симпатии кон еден од најголемите ривали на неговата компанија. Рен Женгфеи, основачот и актуелен извршен директор на Huawei, призна дека им купил iPhone уреди на членовите на неговото семејство кога ја напуштил Кина.

Huawei во моментов се наоѓа во најголемата криза од формирањето на компанијата, но нејзиниот основач Рен Женгфеи сепак решава да остане позитивен, притоа отворено и искрено зборувајќи за неговите конкуренти.

„Телефоните на Apple имаат одличен екосистем, па затоа на сите од моето семејство им купувам iPhone уреди кои можат да ги користат кога ќе бидат надвор од Кина. Луѓето не смеат да си помислат дека љубовта за Huawei значи дека ние мораме да користиме само уреди на нашата компанија“, рече Женгфеи за South China Morning Post.

Шефот на технолошкиот гигант одговораше на повиците за бојкот на Кина против американските компании, бидејќи САД неодамна ја санкционираше Huawei и ги забрани нејзините уреди на целата територија. Уредите на Huawei, покрај тоа што се забранети во САД, од наредниот месец ќе престанат да добиваат апдејти од Google за оперативниот систем Android.

„САД ја потценува моќта на Huawei. Нивната 90-дневна привремена лиценца нема никакво влијание врз нашата компанија, бидејќи ние сме подготвени за било каков предизвик“, додаде Женгфеи.

Покрај афинитетот на Женгфеи за уредите на Apple, уште неколку работници на Huawei беа „фатени“ како користат iPhone за извршување на работните обврски. На почетокот на оваа година еден од директорите на компанијата објави твит кој беше означен како „via Twitter for iPhone“.

Извор: B92.net