Microsoft подготвува Minecraft игра со проширена реалност за смартфони (ВИДЕО)

Microsoft почна да најавува нова содржина, која изгледа како нова Minecraft игра за мобилни уреди.

Софтверскиот гигант објави видео снимка за да ја прикаже мобилната верзија на Minecraft во проширена реалност.

Креативниот директор на Minecraft, Saxs Persson во видеото го остава својот телефон на клупа пред Конгресниот центар во Вашингтон, каде што се одржува конференцијата на Microsoft за програмери. Една минувачка потоа го наоѓа неговиот смартфон, на кој може да се види Minecraft кој работи во AR, сугерирајќи дека Microsoft подготвува нова игра.

Не е јасно што точно ќе биде оваа Minecraft игра, но според најавите на технокритичарите, би можела да биде убиствена апликација за проширена реалност. Од играта Pokemon Go немавме прилика да видиме многу апликации или игри, кои покажале потенцијал за проширена реалност, а потсетуваме дека Pokemon Go е преземан повеќе од 500 милиони пати.

Од Microsoft не сакаа да откриваат повеќе информации за Minecraft, а во објавениот тизер е најавено дека повеќе информации ќе бидат познати на 17. мај, на десеттата годишнина на Minecraft.