По сериозните проблеми со флексибилниот екран на Galaxy Fold, Samsung одлучи да го одложи почетокот на продажбата.

Samsung во текот на денешниот и утрешниот ден требаше да одржи конференции за новинари во Хонг Конг и Шангај. Но, во последен момент планираните конференции се одложени. Набрзо пристигна и официјална објава, во која е објасената причината за одложувањето.

Како што сигурно и самите помисливте, причината за одложувањето е флексибилниот екран што се свиткува, кој се покажа недоволно добар и издржлив за секојдневно користење. Како што веќе известивме, и покрај успешните тестови кои покажаа дека екранот без проблеми може да се свитка и повеќе од 200.000 пати, кај некои технолошки новинари и инфлуенсери Galaxy Fold не успеа да издржи ни два дена, а екранот да не се оштети.

Компанијата одлучи да испита во што е проблемот и дојде до неколку заклучоци, поради кои одлучи да го одложи почетокот на продажбата на неодредено време. Во своето официјално соопштение наведоа дека за новите термини на одложените конференции, јавноста ќе ја известат за неколку недели. Поради тоа, април, но и поголем дел од мај отпаѓа, а со тоа и почетокот на продажбата.

Во соопштението наведуваат дека дошле до заклучок дека на исправноста на дисплејот можат да влијаат ударите на горната и долната страна на шарката, но и одредени работи кои се нашле во рамките на уредот. Нам ни се чини дека тука може да се работи за прашина или нешто слично.

Samsung ветува дека ќе преземе дополнителни мерки за да ја засили заштитата на екранот, но и дека ќе ги унапреди упатставата за тоа како да се негува и користи екранот и заштитниот слој, кој некои новинари пробаа да го отстранат бидејќи сметаа дека се работи за заштитна фолија.

Како и да е, Galaxy Fold нема да пристигне на европскиот пазар на 3. мај, како што беше првично најавено. Иако овој момент не се знае кога точно Galaxy Fold ќе биде подготвен за продажба, Samsung нема премногу време за понатамошни одложувања. Имено, Huawei најави дека нивниот Mate X, кој е директна конкуренцијата на Galaxy Fold, ќе тргне во продажба во јуни. Значи, Samsung има малку повеќе од еден месец да ги реши проблемите и да го пушти Galaxy Fold во продажба, ако сака да го престигне Huawei и да ја понесе титулата – “прв на пазарот”.