Богатството на Бил Гејтс се проценува на повеќе од 100 милијарди долари, што го прави втор најбогат човек на светот. Од него побогат е само Џеф Безос, основачот на компанијата „Амазон“.

„Бизнис инсајдер“ пишува дека Бил Гејтс денес е побогат за 9,5 милијарди долари отколку пред година дена. Додаваат дека кога дневно би трошел по милион долари, би му биле потребни 245 години за да го потроши целото свое богатство.

Гејтс сите свои пари ги има вложено во различни акции и имот и со 20 луѓе покренал милијарди долари вреден инвестиционен фонд „Брејктру енерџи“. И покрај големото богатство, Гејтс во една прилика открил дека не го фатила манија на трошење кога станал милијардер на 31 година, но признава дека подоцна се размазил.

Гејтс поседува приватен авион „Бомбардиер BD-700 Global Express, вреден 40 милиони долари во кој може да се сместат 19 луѓе. За својот дом во Медина, кој го градел седум години, потрошил 63 милиони долари. Земјиштето во 1988 година го купил за два милиони долари, а денеска ова место вреди околу 125 милиони долари.

Куќата има трамполина и огромен затворен базен, богата библиотека со бројни вредни ракописи и книги, како ракописот на Леонардо Да Винчи од 16 век, кој Бил го купил на аукција во 1994 година за 30 милиони долари. Наводно на имотот му сипувале и песок кој го носеле директно од Карибите.

Во куќата има инсталирано домашно кино за 20 гости, шест кујни и 24 купатила. Куќата на Гејтс има и гаража за 23 автомобили. Гејтс инаку е страствен колекционер на автомобили, а открил и дека неговата прва луксузна кола му била „Порше 911“, а подоцна на аукција ја продал за 80.000 долари.

Во својата колекција сега, меѓу останатите има и „порше 959“.

Гејтс има и ранч на Флорида кој се протега на 18.000 квадрати. На него е сместена луксузна вила. Наводно за неа потрошил 27 милиони долари за да купи цела низа на недвижности на тоа подрачје. Негоата ќерка Џенифер е страствен јавач, а наводно Бил Гејтс овој ранч го купил за неа.

Во Калифорнија има ранч од 228 хектари кои ги купил за 18 милиони долари. На ранчот се наоѓаат трки, овоштарници. Исто така купил и ранч во Вајоминг од 492 хектари кој во 2009 година се продавал за 8,9 милиони долари.

Бил вложувал и во низа на недвижности преку својата лична инвестициона компанија „Каскаде“. Имал акции и во неколку хотели. Гејтс сакал да патува и го користел секој слободен момент за добар одмор. Милијардерот е чест гостин во Австралија, но и во Хрватска, Бразил, Белизе.

Со семејството бил на суперјахта „Серена“, која ја изнајмил за 5 милиони долари неделно, а со јахтата оди во пакет и приватен хеликоптер. Бил е голем љубител на тенис и скијање и страствен љубител на книги. Еднаш открил дека мрази да купува работи за себе, но дека сопругата Мелинда го изненадила со некој убав подарок.

Сето ова е само дел од богатството на Бил Гејтс. Бил често донира пари во хуманитарни цели или вложува во развој на лекови и унапредување на човештвото. Така во 2017 година вложил 50 милиони долари во истражување на Алцхајмеровата болест.