Apple претстави нова генерација на iPad Air и iPad mini

Apple лансираше два нови iPad уреди. Освен долгоочекуваниот iPad mini, пристигна и нов 10,5-инчен iPad Air.

Новиот iPad Air е потенок (6,1 мм) и нешто поголем од шестата генерација на iPad. По цена од 499 долари, iPad Air има екран со дијагонала од 10,5-инчи, во однос на 9,7-инчи на стандардниот iPad, кој се продава по цена од 329 долари. Новиот таблет има дизајн како iPad Pro од претходната генерација, со тоа што е опремен со A12 Bionic процесор од новите iPhone уреди, има поддршка за Smart тастатура и Apple Pencil.

Компанијата, исто така, претстави и нова верзија на iPad mini, со екран со дијагонала од 7,9-инчи. Се работи за таблет со помали димензии, кој исто така под капакот го има A12 Bionic процесорот, а за разлика од претходните модели, доаѓа со поддршка за Apple Pencil и има ретина екран со True Tone технологија и осветлување од 500 нита. Цената му е идентична како кај претходната генерација – 399 долари.

И двата нови таблета се достапни во три исти бои: сребрена, вселенско сива и златна и имаат идентичен простор за складирање (64 и 256 GB). За разлика од новите iPad Pro модели (11 и 12,9-инчи), iPad Air и iPad mini не ја користат Face ID технологијата, туку си го задржаа дизајнот со Home копче и Touch ID автентикација.