Spotify поднесе жалба во ЕУ пртив монополот на Apple

Музичката стриминг услуга, Spotify поднесе жалба против Apple во антимонополските тела на ЕУ. Компанијата се жали дека производителот на iPhone ја нарушува конкуренцијата со својата услуга Apple Music.

Spotify, која започна една година по излегување на iPhone во 2007 година, тврди дека контролата на Apple над продавницата за апликации ги лишува корисниците од избор и ги ограничува конкурентните снабдувачи на аудио-стриминг во корист на Apple Music, која почна да работи во 2015 година, пренесе Ројтерс.

Клучен момент во жалбата на Spotify, поднесена до Европската комисија, е несогласувањето за провизија во износ од 30%, која Apple ја зема од услугите за содржини за користење на системот за купување внатре од апликациите (IAP).

Според адвокатите на Spotify, компанијата била принудена да започне да го користи системот за плаќања од 2014 година, а потоа месечната претплата за премиум услугата пораснала од 9,99 до 12,99 евра, додека подоцна Apple Music стартувала на истата цена по која започнал Spotify – тоа е, 9,99 евра.