Македонската игра Wounded се појави на Steam платформата (ВИДЕО)

Малото македонско инди студио Workbench Entertainment, ја издаде својата прва голема игра за светскиот пазар.

Македонската игра Wounded и официјално се најде на најпознатата светска платформа за игри Steam. Играта е производ на четири години работа на тимот на Workbench Entertainment.

Трејлерот за играта, кој беше објавен на 24 декември минатата година, предизвика голем интерес кај светската гејмерска јавност, особено кај фановите на хорор игри. Од објавата на трејлерот, светските медиуми релевантни за гејминг индустријата, како и експерти од областа, не ги штедеа позитивните коментари, особено истакнувајќи го фактот дека играта е направена од инди-студио, без буџет, но со вештини, ентузијазам и идивидуални инвестиции на тим млади луѓе. Тимот на Workbench Entertainment, ги освои симпатиите преку извонредно комплексниот проект донесен на високо професионално ниво, којшто ги задоволува светските пробирливи критериуми во најатракивната и највозбудливата сфера на гејминг-индустријата – хорор игрите.

Играта “Wounded“, од денес, го започна својот пат на најпознатата светска платформа за игри Steam и се вклучи меѓу илјадници други игри, по исклучително конкурентна цена од 12,99 евра.

Се работи за адреналинска хорор-игра во прво лице. Играчот управува со карактерот по име Тим, кој е пред сè многу загрижен татко. Зошто? Одговорите се во мисијата заради чие исполнување играчот ќе влезе во свет исткаен од кошмари, каде реалноста танцува со паранојата и стравот, а анксиозноста и теророт демнат во темните коридори. “Wounded“ предизвикува силни чувства и овозможува незаборавно искуство. Целосното аудиовизуелно доживување го надополнува чувството на неизвесност и страв од непознатото и го забрзува пулсот со секоја следна сцена. Аудиоефектите се изработени од страна на еден од најдобрите светски дизајнери за звук. Во оваа игра, исполнета со мистерија, единствени оружја на играчот се неговата внатрешна сила, досетливост и волја. Токму поради ова играта е добра за победување на стравовите, вежбање на рефлексите и совладување на вештините за брзо донесување правилни одлуки, како и јакнење на самодовербата, а сето тоа низ внимателно креирани предизвици и квалитетна забава.