Google Maps откри тајна локација на тајвански анти-ракетен систем

Американската компанија Google на својата мапа на локации откри ракетен систем “Патриот“ во Тајван, пренесуваат странските медиуми. Претставниците на тајванското Министерство за одбрана побарале од компанијата “да ги замагли“ локациите каде што се наоѓаат проектилите.

“Изложената локација на воената база не значи дека таа е фиксна позиција дури и за време на вонредна состојба“, рекол претставникот на тајванското министерство за одбрана, Џин Дефа.

Неименуван официјален претставник тврди дека снимките најверојатно се застарени, бидејќи војската постојано ја менува техниката за да ги “сокрие локациите и измами своите непријатели“.

Дефа вели дека е формирана работна група за соработка со Google за “камуфлажа“ на тајванските сили во иднина.

Подобрениот приказ на мапите на Google укажа на претходно непозната локација на ракетната база во Синдијан, Тајван како и на локациите каде што се наоѓаат Бирото за национална безбедност и Бирото за разузнавање.