Дури и Microsoft не препорачува користење на Internet Explorer

Поминаа речиси четири години откако Microsoft одлучи да го смени својот прелистувач Internet Explorer со новиот Edge во Windows 10. Компанијата веќе престана да го одржува Explorer-от со нови веб стандарди, а сега експертот за сајбер безбедност во Windows дивизијата на гигантот, Крис Џексон, вели дека на корисниците им е најпаметно воопшто да не го користат застарениот прелистувач.

Повеќето корисници денеска користат Chrome, Firefox или Edge, но голем број на бизниси се уште се потпираат на Internet Explorer. Тоа практично значи дека се на отворен удар од хакерите, затоа што овој прелистувач е практично „историја“.

„Internet Explorer е компатибилно решение”, предупредува Џексон, кој, вели дека компаниите треба да внимаваат на прелистувачот кој треба да го користат секојдневно. Експертот забележува дека Microsoft веќе не го поддржува овој прелистувач, а програмерите ги тестираат нивните дизајни за модерни прелистувачи.

Проблемот во моментов е што новиот производ на Microsoft – Edge, исто така, не е доволно добро решение, со оглед на тоа што прелистувачот не е достапен за Windows 7 или Windows 8. Сепак, гигантот најави дека веќе е во фаза на изработка на модификувана верзија на Edge, која ќе биде достапна за тестирање во текот на следните неколку недели, и која ќе може да биде инсталирана и на Windows 7 или Windows 8. Тоа би требало да им помогне на претпријатијата да се откажатѕ од Internet Explorer. Целиот процес ќе трае со години.