На интернет се појавија информации за карактеристиките на новиот Samsung паметен телефон со назив Galaxy M10, кој ќе има Infinity-V екран, двојна задна камера и оперативен систем Android 8.1 орео.

Интернет-страницата SlashLeaks открива детали за уште еден паметен телефон од серијата „галакси M“. Имено, Galaxy M10 ќе биде почетниот модел од оваа серија со 6,2-инчен Infinity-V IPS LCD екран со резолуција од 1520 x 720 пиксели.

Срцето на телефонот ќе биде чипот Exynos 7872 претставен во јануари минатата година, а ќе има 2, односно 3 GB RAM меморија, 16 или 32 GB внатрешна меморија и батерија со капацитет од 3400 mAh.

На задната страна ќе има двојна камера – главната од 13 мегапиксели со бленда f/1.9 и секундарна камера од 5 мегапиксели со бленда f/2.2. Засега, карактеристиките на предната, селфи-камера, не се познати.

Се споменува и стар microUSB 2.0 пиклучок и 3,5 милиметарски џек за слушалки, но изгледа Galaxy M10 ќе нема сензор за отпечаток од прст. Димензиите на телефонот се 155,6 x 75,6 x 7,7 милиметри, а тежината е 160 грама.

Кога ќе пристигне на пазарот, неговата цена ќе изнесува околу 123 евра, пренесуваат порталите специјализирани за технологија.