Првото растение што успеа да никне на месечината најверојатно веќе е мртво, во четвртокот рекоа кинеските научници.

Само неколку дена откако Кина објави дека семето памук што го засадиле никна и со тоа станува првото растение одгледано на месечината, научниците го завршија експериментот кога го прекинаа дотокот на струја.

Семињата беа засадени во специјален сад посавен на сондата Chang’e 4, активиран при слетувањето на месечината. Автохтоната биосфера е дизајнирана за одгледување семиња и јајца од муви во обид да се создаде мал екосистем и да се процени како истиот ќе реагира на животната средина со ниска гравитација и висока радијација.

Кинеските научници се надеваа дека експериментот ќе им помогне на оние кои во иднина ќе направат обид да одгледуваат храна на пустата површина на месечината.

Професорот кој го осмисли експериментот изјави за медиумите дека истиот завршил по девет дена бидејќи температурата во биосферата пораснала неконтролирано, па тимот морал да го прекине дотокот на електрична енергија до неа.

„Иако имавме контролори на температурата, таа достигна 30 Целзиусови степени околу 10:30 наутро. Како што сите знаеме, многу растенија не можат да никнат на таа температура“, рече тој.

Засега не е познато зошто и покрај напорите на научниците, температурата продолжила да расте.