Lenovo Yoga S940 има AI сензори кои детектираат кога некој ви гледа во лаптопот

Lenovo покрај Yoga C730 моделот со AMOLED екран, претстави уште еден премиум лаптоп – Yoga S940. Гледајќи во минатото, Yoga линијата лаптопи ја сочинуваа конвертибилни модели и тоа беше случај со Yoga 920. Неговиот наследник, Yoga C930, исто така беше конвертибилен лаптоп, но користеше ново брендирање, каде што C во името означуваше “convertible”. Најновиот брендинг во името ја донесува буквата S, а таа означува slim (складен, тенок). Тука е и D за “detachable” (се одвојува) итн.

Една од најинтересните работи кај Yoga S940 моделот е тоа што го имплементира она што Lenovo го нарекува AI сензори. Овие сензори можат да го детектираат кога ќе се оддалечите од лаптопот и ќе го заклучат, а исто така, можат да ве известат кога некој зад вашиот грб гледа преку рамењата, во екранот на вашиот лаптоп.

Тука е и Mirametrix Glance технологијата, која автоматски ги следи движењата на корисникот, кога гледа во секундарен дисплеј и без проблеми ја префрлува содржината на поврзаниот екстерен монитор. Lenovo комплетниот пакет на овие функции ги нарекува Smart Assist.

Yoga S940 вклучува сензор за отпечатоци од прсти и IR камера за Windows Hello, а има и усогласување на гласот, така што можете да разговарате со Cortana или Alexa асистентите. Покрај ова, целосниот лаптоп е тежок само 1,2 килограми.