Твит на јапонски милијардер го собори рекордот во ретвитување

Јапонскиот милијардер и иден вселенски патник Јусаку Маезава вчера го сруши рекордот на „Твитер“ откако порака што ја објави на оваа социјална мрежа беше споделена 5,55 милиони пати.

Маезава во саботата на „Твитер“ напиша дека ќе им даде по 8 000 евра на одредени следбеници на неговиот профил. Милијардерот наведе дека ваква сума ќе исплати за 100 луѓе извлечени по случаен избор, кои претходно ја споделиле („ретвитувале“) неговата порака.

„Нов светски рекорд. Го соборив рекордот на ‘Твитер’ за бројот на споделувања на порака, досега рекордот беше 3,55 милиони“, соопшти Маезава.

Милијардерот, кој се збогати преку онлајн продажба на облека и кој е колекционер на дела од современата уметност, ќе биде првиот турист околу месечината на приватната американска вселенска компанија „СпејсЕкс“ (SpaceX), а негови придружници ќе бидат уметници. Патувањето е планирано за 2023 година.