Адолесцентите обожаваат да слушаат гласна, па дури и прегласна музика, а токму поради тоа, како што предупреди Светската здравствена организација, околу една милијарда млади луѓе се во опасност да го изгубат слухот.

Агенцијата на Обединетите нации истакнува дека речиси половина од младите луѓе меѓу 12 и 35 години слушаат музика на мобилни телефони, додека околу 40 проценти од тинејџерите се изложени на прегласни звуци во клубовите и кафулињата.

Мобилниот телефон оптимално обезбедува гласност меѓу 75 и 136 децибели, а истражувањата покажале дека младите своите омилени песни ги слушаат со гласност од 75 до 105 децибели. Во ноќните клубови нивото на бучава е од 104 до 112 децибели.

„Се обидуваме да ја подигнеме свеста кај младите за прашањето за кое не зборуваме многу, а чии последици можат да бидат многу штетни“, истакна директорот на СЗО за превенција од повреди, доктор Ејтен Круг.

Тој смета дека на возрасните мора да им се укаже на важноста да ги оттргнат тинејџерите од гласно слушање музика.