Кубанците од утре ќе имаат пристап до мобилен интернет

Жителите на Куба од утре ќе може да пристапуваат на интернет и преку своите мобилни телефони, објави денеска државната телекомуникациска компанија „Етекса“ означувајќи пресврт во таа земја чија поврзаност на интернет е меѓу најмалите на западната хемисфера.

Речиси половина од 11,2 милиони луѓе во Куба имаат мобилни телефони, но не сите ќе може да си дозволат да користат интернет, објави агенцијата „Ројтерс“.

Во информативна ТВ-емисија, која се емитуваше доцна во вторникот, директорите на „Етекса“ презентираа повеќемесечни пакети почнувајќи од оној со 600 мегабајти мобилен интернет за цена од 7 долари, до пакет од 4 гигабајти за 30 долари. Доколку корисниците сепак не сакаат да плаќаат за пакет, користењето на мобилниот интернет ќе ги чини 10 долари за потрошени 100 мегабајти.

Ваквите цени многу Кубанци нема да може да си ги дозволат бидејќи просечната плата во земјата се движи 30-ина долари месечно, а многу луѓе се потпираат на дознаките испратени од нивните роднини во странство или, пак, работат повеќе работи за да го зајакнат семејниот буџет.

Куба заостанува зад повеќето земји во пристапот до интернет како поради недостигот на финансиски средства така и поради долготрајните американски санкции.

До 2013 година интернетот, генерално, беше достапен само за туристите во хотелите на островот. Сепак, од тогаш владата го постави зголемувањето на поврзаноста како приоритет преку воведување интернет-кафулиња и вајфај-пристап на отворено, како и постепено приклучување на домаќинствата на глобалната мрежа.