Научниците открија фосил на полжав стар 99 милиони години, а овој праисториски примерок е пронајден во парче килибар во Бурма, пишува National Geographic.

Се работи за едно од најзначајните откритија во историјата на палеонтологијата бидејќи во фосилен облик се сочувало мекото животинско ткиво, што досега во истражувањата немало толку стар фосилен облик.

Од мекото ткиво, зачувани се главата, стапалата и пипците.

Иако примерокот е помал од 0,5 сантиметри, тоа на научниците им овозможува неверојатен увид во животот на тие незабележливи суштества од времето на диносаурусите, тврдат од магазинот National Geographic.

Научничката Лида Ксинг од кинескиот Универзитет за геонаука во Пекинг нагласила дека двата крака и окото на полжавот се сочувани недопрени.