Инстаграм ја засилува борбата против вознемирувачката содржина

Инстраграм има нова функција со која ќе се бори против вознемирувачката содржина која корисниците ја прикачуваат на оваа социјална мрежа, а тоа ќе го прави преку користење на вештачка интелигенција за скенирање на фотографии со што ќе ја идентификува проблематичната содржина, изјавиле од компанијата.

Функцијата автоматски ќе ги препознава вознемирувачките елементи и ќе известува за содржината. Потоа, вработените во Инстаграм ќе разгледаат дали ќе ја остават фотографијата, или пак таа ќе биде отстранета, изјавил директорот на компанијата, Адам Мосери.

“Тоа ќе ни помогне да идентификуваме и остраниме голем број на вознемирувачка содржина“, рекол Мосери, додавајќи дека ова претставува голем чекор, поради тоа што “многу од жртвите на вознемирувањето не ги пријавуваат овие проблеми“.

Примената на функцијата постепено ќе биде распоредена во текот на наредните недели во целиот систем на Инстаграм. Мосери додал дека вознемирувањето преку интернетот претставува сложено прашање за решавање и дека тимот на Инстаграм ќе работи на тоа да изнајде решение за овој проблем.