Прв хибриден лаптоп со кожна обвивка (ВИДЕО)

„ХП Спектар Фолио“ е луксузен уред од атрактивното портфолио на хибриди – меѓу лаптоп и таблет, на компанијата „Хјулид Пакард“ (ХП).

Новиот модел е изработен од кожа, наместо од традиционални материјали како пластиката или метал. Компанијата вели дека ова е првиот уред во индустријата со сличен дизајн и веруваат дека неговиот изглед ќе привлече внимание кај многу луѓе.

„ХП Спектар Фолио“ е создаден преку специјален производствен процес, кој ги комбинира најновите иновации во хардверот и стилот на рачно изработена кожна обвивка.

Уредот е со ултра тенки димензии, бидејќи нема вентилатор за ладење и ја една од најмалите матични плочи во светот. Високите перформанси се загарантирани од процесорите на осмата генерација на Интел. Други технички спецификации вклучуваат 16 гигабајти РАМ и ССД со капацитет до 2 терабајти. Батеријата обезбедува до 18 часа со едно полнење.

Новиот модел на ХП користи стандарден Фул ХД дисплеј со осветленост од 300 нити, но ќе се продаваат и верзии со 4К резолуција.

Уредот исто така подржува ЛТЕ и има слот за две еСИМ картички. Квалитетот на звукот е обезбеден од четири вградени звучници.

Првите верзии на „ХП Спектар Фолио“ ќе се појават на пазарот од 29 октомври. Според официјалните податоци, основните конфигурации на кожниот лаптоп ќе чинат околу 1.299 долари, а моделите со и7 чипови ќе бидат достапни за 1.499 долари.