Згасна една од најголемите веб-страници за бесплатни игри

Откако Nintendo на почетокот на овој месец испрати тужби до популарните страници со ROM-ови со стари игри LoveRETRO и LoveROMs, кај останатите страници кои се занимаваат со складирање на ROM податоци се дигна голема паника и страв да не завршат на суд.

За да се избегне истото, вчера познатиот емулаторски сајт EmuParadise објави дека става моментален катанец на ROM библиотеката, со цел да не бидат тужени и казнети од компанијата Nintendo. Луѓето кои ја водат и одржуваат оваа страница велат дека тужбата од Nintendo би била сериозен удар на животите на сите нив.

EmuParadise е една од најстарите и најголеми, а со тоа и најпопуларни страници од овој тип. Таа е основана во 2000 година и беше една од најупотребуваните страници за преземање на ROM податоци за постари игри. Основачот на страницата, Mas J, рече дека едноставно не е исплатлив ризикот и стравот за да се одржуваат ваквите страници, и дека по 18 години саботажи и закани, веќе е време да се стави крај.

Веб страницата нема целосно да исчезне, туку ќе продолжи да работи во некоја друга форма, но нејзината основна функција и она по што стана позната – складирање на ROM податоци, веќе нема да постои и сите ROM податоци беа отстранети од неа.