Мобилна апликација за промоција на македонскиот туризам

Министерот за економија, Крешник Бектеши, ја претстави новата апликација наменета за туристите наречена „Visit Macedonia“. Притоа, тој напомена дека апликацијата ги следи светските трендови за дигитализација и иновации во туристичката промоција.

„Земајќи ги предвид препораките на релевантните институции во областа на туризмот, Светската туристичка организација и Комитетот за туризам на Европската Комисија, за месец и половина ја изработивме апликацијата Visit Macedonia, која има за цел да го привлече вниманието на туристите, посебно на транзитните“, рече министерот Бектеши.

 Тој воедно истакна дека бројката на транзитни туристи на годишно ниво воопшто не е за занемарување.

„Само по Коридорот 10 во просек по 3,5 милиони туристи транзитираат низ нашата земја. Ако им покажеме содржини кои ќе ги привлечат бар малку да скршнат од нивната маршрута и да останат некој ден и во нашата земја, сме добиле многу“, додаде министерот за економија.

Проектното решение го изработено од „SIMT“ вклучува три апликации: мобилна, веб-апликација и администраторска конзола на три јазици: англиски, македонски и албански.

Како што објасни Бектеши, целта на мобилната апликација е да понуди брз пристап кон сите потребни информации за да го направи поудобен и поинтересен престојот на туристот во државата. Истата веќе е достапна за Андроид уреди, а во процес на валидација е и за „ајфон“.

„Туристите ќе можат да пристапат до информации за објектите од интерес, од типот на споменици, музеи, ресторани, хотели, природни добра, археолошки наоѓалишта на својот мобилен уред и истите ќе им бидат дадени на располагање преку приказ на детали, слики, GPS координати преставени на интерактивна мапа, со оценки и коментари од останати корисници“, посочи министерот Бектеши.

Во мобилната апликација е содржан и механизам за пребарување низ објектите по разни основи, а истите се организирани од аспект на близината на корисникот, според локацијата на уредот кој го користи. Освен тоа, апликацијата содржи и Планер на патување и Патнички дневник, кој претставува трага од патувањето на корисникот, а нуди можност за споделување на социјалните мрежи.