Google поради Европската унија ќе мора да го менува Android?

Поради европските регулатори и правилата за праведен пазарен натпревар, Google би можел да плати казна од неколку милијарди долари, но и да биде присилен да го смени начинот на кој функционира широко користениот оперативен систем Android.

На регулаторите во Европа не им се допаѓа што Google со инсталацијата Google Play им диктира на корисниците, но и на производителите на паметни телефони, пристап и до други апликации, додека истовремено ја блокира инсталацијата на апликации од други извори.

Се очекува европските регулатори на чело со Маргрет Вестагер, комесар за заштита од конкуренција, до крајот на овој месец да изречат рекордно висока казна во висина од неколку милијарди долари поради начинот на кој таа компанија „ги присилува“ производителите на паметни телефони да ги испорачуваат своите уреди со однапред инсталирани апликации на Google.

Со инсталирањето на пребарувачот Google и со неговите апликации на уредите со оперативниот систем Android, таа компанија си обезбедува корисници, пристап до нивните податоци, но и канали за сервисирање огласи. Доколку регулаторите го присилат Google да прекине со таквата практика, тоа би значело дека ќе се јави и потреба од коренити промени во оперативниот систем Android, што ќе ја загрози неговата доминација на пазарот на паметни телефони и таблети, но ќе им ослободи и простор на другите производители на пазарот да се пробијат до корисниците.

„Никој не ги присилува корисниците да користат апликации на Google, но ако сакате да користите некои од нив, ќе мора да се согласите на инсталирање на целиот сет“, истакна Џејкоб Кучаржик, потпретседател за конкурентност и регулаторна политика на ЕУ за „ Computer & Communications Industry Association“. Тој додаде и дека тоа на Google ќе му овозможи натамошно финансирање на развојот на отворен код.

Засега сите се уверени дека Google ќе добие голема парична казна и насоки да ја промени својата бизнис-практика. Колку ќе изнесува, ќе се дознае деновиве.

Извор: Zimo.hr