Google ќе претстави платформа за игри којa ќе функционира слично како Netflix

Со својот нов сервис Google сака да им конкурира на Playstation и Xbox.

Се чини дека Google планира да лансира сервис и конзола за стримање игри преку интернет за да може да му конкурира на Playstation на Sony и на сервисот на Microsoft, кој сѐ уште е во изработка. Станува збор за услуга слична на Netflix, но луѓето наместо стримање филмови и серии од интернет, би можеле да играат игри, а да не мора претходно да ги инсталираат.

Уште во февруари се појавија првите шпекулации за овој сервис на Google, кој има кодно име „Јети“, но сега веќе се зборува дека се работи на посебен хардвер за него. Google со сервисот би требало да развие и посебна играчка конзола која ќе работи на Android системи, слично како Playstation и Xbox. Наводно, вработените во Google во текот на конференцијата Game Developers, која во март се одржа во Сан Франциско, се состанале со разни компании што произведуваат игри за да договорат потенцијална соработка. Се чини и дека Google би можел да инвестира во компании што развиваат игри или дури и да ги купи.

Сервисот преку кој се стримаат игри не бара никаков силен хардвер со оглед на тоа дека играта всушност се покренува на некој сервер, односно во облак. Производителот на графички карти Nvidia исто така понуди сличен сервис, а се чини дека Google сега сака да направи нешто слично. Ако покренувањето на игрите се префрли на сервер, со тоа практично на корисниците им се овозможува графички понапредните игри да ги играат на кој било уред, од мобилен до телевизор. Важно ќе биде само да се има стабилен и брз интернет.

Веќе имаше обиди за слични проекти, но тие главно пропаѓаа поради недостигот на инфраструктура, што резултира со лош квалитет на услугата. Сепак, ако некој може да го реализира ова, тогаш тоа е Google.

Извор: Telegraf.hr