Досегашните тестирања и споредби со оценките на професорите покажаа дека вештачката интелигенција е прилично добра во оценувањето на испитите и есеите.

Додека денес учениците и студентите мораат да чекаат со денови за професорите да ги прегледаат есеите и испитите, во иднина резултатите би можеле да се знаат веднаш откако студентите ќе ги решат тестовите, а оценки ќе им даде – вештачката интелигенција (AI).

Во Кина, во голем број училишта моментално трае тестирањето на систем базиран на вештачката интелигенција и машинското учење што ќе може автоматски да ги оценува есеите и испитите и да ги советува учениците околу грешките што ги направиле.

Сето она што го прави вештачката интелигенција се споредува со оценките и советите од професорите, така што вештачката интелигенција постојано ќе учи нови работи за оценувањето да биде што поточно.

Исто така, за време на поправката на испитите се користи база на податоци што постојано се надополнува, а вештачката интелигенција во есеите ги издвојува деловите на кои студентите би требало дополнително да работат, односно ги предупредува ако не се држат до зададената тема.

Вештачката интелигенција се покажа како прилично точна, и во 92 отсто од случаите донесе исти или слични одлуки како и професорите, меѓутоа, резултатите не се совршени. Како што вештачката интелигенција напредува, така ќе напредува и овој софтвер, кој во иднина треба да ја намали недоследноста при оценувањето и да го намали времето што професорите го трошат на читање и оценување на испитите.

– Не постои закон што на вештачката интелигенција ѝ забранува оценување на есеите на учениците – вели професорот Ју Јафенг од Универзитетот „Нормал“ во Пекинг и додава дека оваа практика покренува одредени етички прашања. На пример, во некои случаи учениците и студентите не знаеле дека нивните испити ги оценувала вештачката интелигенција, а не нивните професори, додека родителите на учениците што учествувале во ова тестирање не биле воопшто известени за тоа.

Извор: Zimo.hr