Официјално претставена новата Nokia X6 (ВИДЕО)

Компанијата HMD Global официјално го претстави својот нов смартфон Nokia X6, прв модел од освежената X-серија. Овој телефон од средниот сегмент во премиум куќиште е претставен во Кина.

Nokia X6 има 5.8-инчен FHD+ (1080 x 2280p) дисплеј, со 19:9 однос на страници и Corning Gorilla Glass 3 заштита.

Тоа е прв телефон со засек во врвот на екранот, во кој се сместени предната камера со 16MP f/2.0 и функциите на отклучување со помош на лицето.

На задната страна се наоѓа систем со две камери, кој се состои од стандардниот сензор од 16 MP со f/2.0 бленда и 5MP монохромен сензор со f/2.2 отвор на блендата.

Сите камери имаат корисни AI трикови, како што е заднинското заматување, препознавање на лицето, динамичка експресија и филтери. На задната страна се наоѓа и сензор за отисоци на прсти.

Телефонот го покренува процесорот Snapdragon 636, заедно со 4 GB RAM и 32GB/64GB интерна меморија, односно 6GB RAM и 64GB простор за складирање. Хибридниот слот може да послужи за проширување на меморијата или за додавање на уште една SIM картичка.

Батеријата на телефонот има капацитет 3060mAh и се полни преку USB-C конектор до брзина од Quick Charge 3.0. Тоа би требало да овозможи полнење до 50 проценти за 30 минути.

Смартфонот ќе биде достапен во сина, црна и сребрена боја. Nokia X6 во Кина ќе се продава од 21. мај, додека се уште се очекува потврдата за достапност вон Кина.