Култната конзола на Nintendo се враќа како NES Classic Edition

Nintendo го објави датумот за враќање на култната конзола NES на пазарот, која овојпат ќе се појави под името NES Classic Edition. Компанијата имаше ваков обид и во 2016 година, кога уредот се распродаде во рекордно време.

Љубителите на игри и конзоли ќе го препознаат легендарниот изглед на NES (Nintendo-Entertainment-System) кој стана популарен во средината на 80-те.

На крајот од 2016 година Nintendo го пушти во продажба првото издание на NES Classic, кој доаѓаше со оригиналниот изглед, но подобрени перформанси и 30 претходно инсталирани ретро видео игри, како „Super Mario Bros“ и „Donkey Kong“. Уредите беа во многу ограничен број и многумина не успеаја да си купат ваква конзола поради тоа што таа се распродаде во рекордно време.

Но, јапонскиот гигант од гејминг индустријата на Twitter објави дека на 29 јуни оваа година NES Classic Edition повторно ќе се појави на пазарот, овојпат по цена од 59,99 американски долари. Беше најавено и дека Super Nintendo Entertainment System (SNES) Classic Edition ќе биде достапен во продажба до крајот на оваа календарска година. SNES Classic Edition беше промовиран минатата година.

Во периодот од една година, кој заврши на 31 март 2018, Nintendo објави дека се продадени 5,28 милиони SNES Classic Edition конзоли.

Јапонската компанија забележа голем раст на популарноста и вредноста од средината на 2016 година, а нивната најнова конзола Nintendo Switch беше најголем фактор во тоа.