PES 2019 за PC и конзоли пристигнува кон крајот на август

Новата Pro Evolution Soccer игра на Konami (PES 2019), на пазарот ќе пристигне на 28. август во САД и 30. август во Европа, а играта ќе биде достапна за PC преку Steam, PlayStation 4 и Xbox One. PES 2019 ќе поддржува 4K HDR видео на сите поддржани платформи.

Претходно овој месец беше објавено дека франшизата ќе ја загуби лиценцата на тимовите и играчите од Лигата на шампионите, а Konami не објави никакви информации за тоа што ќе ја замени оваа лиценцата. Интересно е дека најавниот трејлер за играта става голем фокус на Дејвид Бекам, а ќе постои дури и едиција на играта која го носи името на славниот фудбалер.

PES 2019 е моментно достапна за преднарачки, а веројатно сите одговори за тоа кои лиги и стадиони пристигнуваат во играта, ќе бидат достапни во текот на E3 саемот следниот месец.