Во новата верзија на PES нема да ја има Лигата на шампионите

После 10 години престанува ексклузивната соработка помеѓу видео играта “PES” (Pro Evolution Soccer) на “Konami” и УЕФА, што значи дека новата верзија на играта нема да ја има Лигата на шампионите.

Додека трае вечната борба помеѓу “PES” и “FIFA”, Лигата на шампионите во изминатите години беше еден од најсилните адути со кои што “PES” привлекуваше играчи, но се чини дека на тоа му доаѓа крајот.

Како што пренесува “Eurogamer”, после оваа сезона ќе заврши ексклузивната врска помеѓу “PES” и УЕФА која што започна во 2008-ма година. Тогаш во играта за прв пат се појави лиценцираната Лига на шампиони, а подоцна пристигнаа и други турнири на УЕФА. Иако пред три години беше соопштено дека соработката е продолжена до 2019-та година, сепак се чини дека рокот е скратен.

Лиценците и борбата против користењето на фудбалските клубови и репрезентациите се едни од главните алатки во борбата против гејминг гигантите, затоа што сепак станува збор за едни од најпознатите брендови на светот.

Тоа што “PES” го немаше, најчесто од “Konami” се обидуваа да го решат со измислени имиња на клубовите како на пример Man Blue за Manchester City.

Џонас Лигард од “Konami” изјави дека Лигата на шампионите им дала платформа да креираат единствени искуства за фановите, но сега тие ќе го насочат својот фокус кон други подрачја и ќе работат на алтернативни начини за соработка со УЕФА.

Најлогичната причина за раскинувањето на договорот е цената на лиценцата, па сега останува да видиме дали “EA Sports” ќе ја искористи шансата и ќе го исплати износот, па “FIFA” ќе биде побогата од идната сезона.