Spotify ќе блокира пиратски апликации за пристап до услугата

Spotify има над 159 милиони активни корисници, но само околу 71 милиони од нив плаќаат за користење на услугата. Многу од корисниците се потпираат на бесплатна опција, за да ја слушаат својата омилена музика, но има и друга група која е на модифицирани апликации за да добие пристап до бонусите на платената услуга, без да плаќа.

Досега Spotify не посветуваше големо внимание на втората група, но со претстојното деби на компанијата на берзата тоа се менува. Според информации на „ТорентФрик“, во последните денови шведската компанија почнала да праќа писма до многу од корисниците на пиратските апликации, во кои ги информира дека пресретнала абнормално однесување од нивните апликации и го деактивирала нивниот пристап до услугата.

Spotify ги повикува корисниците да ги деинсталираат апликациите и да ја преземат официјалната верзија од „Плеј Стор“. Компанијата предупредува дека доколку неовластената употреба продолжи, може да ги повлече сметките на прекршителите.

Ова можеби е проблем за луѓето кои ги користат основните сметки со пиратските апликации, но многумина создаваат други сметки со лажни информации, за да се заштитат од ваквите дејства.

Претходно оваа година Spotify почна да ги притиска креаторите на модифицираните апликации. Пред неколку дена компанијата побара од „Гитхаб“ да ја тргне популарната апликација „Догфуд“, а порано нејзиниот творец се огласи во „XДA Девелоперс“ дека ќе отстрани дел од неговата функционалност.

Во меѓувреме темата на сајтот беше заклучена, а врските до датотеките отстранети, како последица од дејствата на Spotify против „XДA Девелоперс“.