Македонски програмери ја креираа видео-играта Frantics (ВИДЕО)

Промоција на видеоиграта наменета за светскиот пазар, а на која работел тим Македонци, „Франтикс“ (Frantics) ќе се одржи вo среда (7 март) во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.

Зад „Frantics“ стои компанијата за видеоигри „NapNok Games“, чие централно седиште е во Копенхаген, Данска, меѓутоа има и свое претставништво во Скопје. На играта околу две години работеле седумдесетина артисти, дизајнери, програмери и тестери, од кои 27 се од Македонија.

„Возбудени сме што конечно можеме да говориме за ‘Frantics’, една од првите игри, којашто е ексклузивна за плејлинк-платформата, којашто подразбира комбинирање паметни телефони, телевизија и PlayStation 4. Фактот дека преку телефон може да се игра на Плејстејшн говори за отворени можности, кои гарантираат забава и ново искуство. ‘Frantics’ е многу социјална игра, којашто открива нови технологии и начини на комуникација“, вели Дајана Димовска, косопственичка на „NapNok Games“.

Станува збор за игра, која на четири играчи ќе им овозможи забава преку различни мини-игри. „Франтикс“ е игра наменета за сите, без разлика дали се искусни во видеоигрите, односно не се потребни специфични вештини за да се игра, што ја прави одлична за забава.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

„Франтикс“ е направена во копродукција со „Сони плејстејшн“, што подразбира директна соработка со еден од најголемите светски издавачи на видео-игри.

„Напнок гејмс“ е компанија што постои седум години и досега има добиено бројни награди од областа на видео-игрите. Има свои претставништва во Копенхаген, Париз, Минеаполис и Скопје.