Нивото на морињата расте, последиците можат да бидат погубни

Нивото на морињата ќе порасне помеѓу 0,7 и 1,2 метар во следните два века, дури и ако владите ја окончаат ерата на фосилните горива како што стои во Парискиот договор за климата, соопштуваат научниците.

Итната акција за намалување и искоренување на штетните емисии на гасови би го спречила долгорочно зголемувањето на нивото на морињата поттикнато од топењето на мразот, од Гренланд до Антарктикот, кои одново ќе ги исцртаат бреговите во светот, објавува тим од научници во списанието „Nature Communications“, предводен од Матијас Менгел од Институтот за клима во Потсдам.

Порастот на нивото на морињата им се заканува на многубројни градови, од Шангај до Лондон, како и подрачјата што се под нивото на морето, од Флорида до Бангладеш. Опасноста е огромна и за цели нации, вклучувајќи ги Малдивите на Индискиот Океан или Кирибати на Пацификот.

Во студијата се наведува дека до 2300 година нивото на морето ќе порасне од 0,7 до 1,2 метар, дури и ако 200 држави ги спроведат мерките зацртани во Парискиот договор од 2015 година, а во кој се предвидува намалување на нула на емисијата на стакленички гасови.

Нивото на водата во океаните неизбежно ќе расте бидејќи индустриските гасови што се испуштаат во атмосферата, а кои ја „заробуваат“ топлината, и понатаму ќе останат во атмосферата и ќе ги растопуваат замрзнатите површини. Дополнително на тоа, со искачувањето на температурата на водата над 4 Целзиусови степени, таа природно ќе почне да се шири.

„Нивото на морињата се сфаќа како некој бавен процес околу кој ништо не може да се направи (…), но во периодот од следните 30 години навистина ќе биде многу важно“, изјавил Менгел.

Тој предупредува дека владите не преземаат ништо што е договорено во Парискиот договор. Глобалната емисија на јаглероден диоксид, главниот стакленички гас што настанува со согорување на фосилните горива, по тригодишната стагнација повторно пораснала.

Извор: Nature.com