Кодирана кампања на „Ауди“ за безбеден сообраќај (ВИДЕО)

Поразителни резултати покажало истражувањето за тоа колку од возачите сурфаат активно на нивните мобилни уреди додека возат. Според истражувањето, осум од десет возачи зјапаат во мобилните телефони, наместо да го држат целосно вниманието на патот пред себе.

Токму користењето на мобилните телефони за време на возење за 300 проценти го зголемува ризикот од фатални сообраќајни несреќи. Но, статистиките велат дека трендот за отворање интернет страници додека се вози и натаму расте.

За да се спречи таквата појава, германскиот автомобилски гигант „Ауди“, почна засилена кампања, во која „на удар“ ќе бидат сите што имаат навика да сурфаат на мобилен додека возат.

Наместо да снимат рекламно видео, што бргу ќе биде заборавено, „Ауди“, во соработка со агенцијата „Åkestam Holst“, креира софтверски код со кој ќе се блокира пристапот кон интернет страниците преку мобилниот уред на возачот.

Кодот ќе се активира секогаш штом возачот почне да се движи со брзина поголема од 20 километри на час. Пристапот до интернет страницата веднаш ќе биде забранет. За сепак да може да го користи својот уред, корисникот ќе треба да потврди дека не е возач во возилото што е во движење.

Кодот може лесно да се вгради во која било интернет страница, без оглед дали се работи за интернет страница на „ауди“, или, пак, некој дневно-информативен портал. Па така останува во рацете на издавачите на интернет содржините да одлучат дали ќе го преземат кодот и со тоа ќе се приклучат кон кампањата на „ауди“ за побезбедни патишта.

– Апликациите што го блокираат телефонот во текот на возењето, не се ништо ново. Проблемот е што ретко кој возач ја презема или, пак, ја активира таа апликација. Оваа иницијатива им дава можност на програмерите и на издавачите самите да придонесат за побезбеден сообраќај – вели Рикард Бесков, копирајтер на агенцијата „Åkestam Holst“.