Global Game Jam годинава се одржа во Скопје и Битола

Изминатиот викенд во Македонија, поточно во Скопје и во Битола, се одржа настанот Global Game Jam. Се работи за најголемиот интернационален настан за креирање на игри кој се одржува еднаш годишно, истовремено на повеќе локации низ целиот свет во вид на 48-часовен маратон. Како дел од International Game Developers Association (IGDA) неговата цел е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање. Во 2017 година на Global Game Jam се сретнаа 36.000 џемери, се одржа на 702 локации во 95 земји и беа создадени преку 7.000 игри.

Во Скопје и Битола учествуваа вкупно 172 учесници. Беа склопени 31 тим, а беа направени 28 игри. Во Скопје продефилираа приближно 300 посетители за време на траењето на маратонот со дополнителни посетители и минувачи за време на презентациите. Таа бројка во Битола се движи над 200.

Организаторот на скопската локација на Global Game Jam, Гораст Цветковски беше прилично прецизен во бројките.

„Дадовме 7 интервјуа за интернет и пишани медиуми и три интервјуа и гостувања во емисии и вести. Беа изедени 517 сендвичи, 211 буреци и 58 пици и безброј чоколада (не ги броевме). Беа испиени приближно 480 литри Кока Кола, 350 литри сок, 300 литри вода и 500 Ред Бул лименки. Отидоа 450 пакетчиња Квики, а беа потрошени преку 1000 чашки за кафе. Беше потрошено 670 гигабајти интернет сообраќај, работевме со 90 метри продолжни кабли, а се искористи 1400 метри тоалетна картија. Се направи мини турнир во Текен и се играше Nintendo Entertainment System турнир. Се играа борд гејмови, карти (Бељот) и Мафија”, истакна Цветковски.

Во организацијата на настанот беа вклучени 39 луѓе. 70 отсто од учесниците беа машки, со што процентот на девојки учеснички од претходните години се зголеми на 30%. Најмногу се програмираше во Unity но и во Unreal, Construct 2, python, Scratch, WEBGL.

Во продолжение можете да видите дел од атмосферата на настанот.