Nintendo ја „убива“ својата прва самостојна мобилна игра

Јапонската технолошка компанија „Nintendo“ рече дека наскоро ќе престане да ја поддржува својата мобилна апликација „Miitomo“, која привлече внимание како прво искуство во бизнисот со паметни телефони. Причината за нејзината одлука е неуспехот да се привлечат доволно играчи, пишува „Wall Street Journal“.

„Решивме да ги насочиме нашите ресурси на други апликации за паметни телефони“, рече портпаролот на „Nintendo“. „Бројот на активни корисници на играта се намалува“, додаде тој.

„Miitomo“, која „Nintendo“ ја издаде во март 2016-та година, ги вклучува „Mii“ аватарите на компанијата и им овозможува на корисниците да комуницираат преку лични информации, како што се нивните омилени филмови.

Иако компанијата ја опиша апликацијата како игра, аналитичарите и играчите сметаат дека тоа е социјално вмрежување. Софтверот, сепак, не успеа да ги привлече корисниците од своите поголеми конкуренти, како „Facebook“.

„Nintendo“ објави дека бесплатната услуга ќе биде прекината на 9-ти мај.

По „Miitomo“, „Nintendo“ го претстави „Super Mario Run“, „Fire Emblem Heroes“ и „Animal Crossing: Pocket Camp“ како мобилни игри за корисниците на паметните телефони.

Овие наслови се поуспешни од „Miitomo“, но бизнисот со мобилни игри допрва треба да стане главен извор на приходи за „Nintendo“.