„Trap Adventure 2“ е најтешката игра на сите времиња

Кога програмерот Хиројоши Ошиба ја издаде неговата нова игра „Trap Adventure 2“, стави напомена дека оние кои сакаат да ја играат треба тоа да го направат на свој ризик.

„Внимание! Ова е веројатно најтешката, најиритирачка, најфрустрирачка игра на сите времиња. Ако лесно се нервирате, препорачувам да не ја играте играта. Буквално ќе ве излуди, ви ветувам! Како што стои напишано погоре, оваа игра е многу стресна!“, стои во пораката која Ошиба ја напиша за потенцијалните играчи.

Можеби името на играта звучи забавно, но оваа авантура е пеколна.

Оваа ретро игра, која е достапна за iOS, е буквално демонски тешка верзија на оригиналната „Super Mario Bros.“. Додека трчате низ лавиринт кој личи на внатрешност на замок, замки и стапици се појавуваат од сите страни и секој објект пробува да ве нападне. Откако ќе загубите живот, се враќате на самиот почеток на нивото.

За многумина оваа игра е невозмoжно да се одигра до крај.

Ошиба ја издаде играта уште во 2016 година, но оваа недела таа стана вирален хит, откако едно видео споделено на Twitter покажува навистина колку тешка е играта. Видеото до изутринава имаше 9 милиони прегледи.

Многумина ја оценија играта многу високо, давајќи ѝ големи пофалби поради тежината, но и нивото на хумор кое го содржи „Trap Adventure 2“. Хиројоши Ошиба, од друга страна, вели дека играта е катастрофална и дека не ја препорачува никому.