Советите на работниците му заштедија 110 милиони евра на Audi

Германскиот автомобилски гигант во 2017 година заштеди дури 110 милиони евра благодарение на сугестиите и советите на своите работници во фабриките во Инголштад и Некарсулм.

Веќе 50 години во Audi постои шема по која работниците може да им даваат свои сугестии на челниците на компанијата, а од 1994 година постои и конкретен систем.

Дури и најмалите идеи и нивната примена може да значат заштеда на милиони евра – некои се однесуваат директно на начинот на работа, а други имаат врска со инфраструктурата.

На пример, во одделението за развој на мотори двајца работници задолжени за одржување забележале дека системот за вентилација во зградата работи дење и ноќе. Тие предложиле вентилацијата да работи по режим од 6 наутро до 22 часот навечер, а да се намали кога нема работници во просториите. На тој начин компанијата ги намалила трошоците за околу 100.000 евра на годишно ниво.

Други двајца работници предложиле да се воведе обележување на одредени алати по боја за да се одбегне губење време поради погрешна употреба на алат, а други работници откриле нов метод за мерење на големината на вратите со што го намалиле времето за изведување на постапката од 34 на само 18 минути, што ѝ заштедило на компанијата 200 работни часа годишно.

Audi заштедил 33 милиони евра во фабриките во Унгарија и во Белгија со спроведување на повеќе од 10.000 предлози од работниците во 2017 година.

Се разбира, компанијата не ги краде овие идеи, туку ги наградува финансиски работниците кои ги даваат предлозите, во зависност од тоа колкава заштеда ќе им донесат.

Извор: B92.net