Научниците чекор поблиску до решавање на мистеријата во Египет

Археолозите се на чекор поблиску до решавање на мистеријата за гробот на сопругата на еден од најпознатите владетели на древен Египет.

Египтолозите во Долината на кралевите открија гробница за која веруваат дека ѝ припаѓа на Анкесенамон, сопругата на Тутанкамон. Ако претпоставките се покажат точни, тоа би можело да помогне во разоткривање на мистеријата за судбината на сопругата на момчето-крал, која одеднаш исчезнала од историските записи по нејзиниот втор брак, објави „Дејли мејл“.

Се верува дека оваа девојка имала краток и трагичен живот во кој била принудена да се омажи за татко ѝ, за дедо ѝ и за нејзиниот полубрат Тутанкамон. Археолозите почнаа со ископување околу гробницата во која сметаат дека се наоѓа нејзиното тело.

Почетокот на ископувањата го соопшти познатиот египтолог и поранешен египетски министер за антиквитети и наследство Захи Хаваз. Тој ја откри наводната гробница во близина на гробницата на фараонот Аја во јули, 2017 година.

Локацијата се наоѓа во Долината на мајмуните, во внатрешноста на Долината на кралевите.

„Сигурни сме дека во тоа подрачје се наоѓа скриената гробница, само уште не знаеме кому му припаѓа“, изјави Хаваз во јули.

Бракови во кралското семејство

По ненадејната смрт на Тутанкамон, кој владеел од 1332 до 1327 година пред н.е., Анкесенамон се омажила за Аја, кој го наследил момчето-фараон и владеел од 1327 до 1323 година пред н.е.

Анкесенамон била третото дете на фараонот Енкатон и Нефертити, а била родена околу 1348 година пред н.е. Во некои записи стои дека по смртта на Тутанкамон била омажена за нејзиниот дедо, а во други дека кратко пред тоа му била сопруга на татка си.

Ваквите бракови биле склопувани со цел да се одржи власта во кралското семејство.

Денешната слава на Тутанкамон не се должи на делата што ги направил додека бил жив, во тој поглед не бил многу значаен фараон, туку на фактот дека неговата гробница била најдена речиси недопрена и до ден денес се смета за најкомплетната гробница на египетски фараон најдена досега.

Извор: B92.net