Автомобилскиот премиум бренд на Путин ќе биде достапен во 2019 (ВИДЕО)

Рускиот проект за производство на премиум автомобил под назив „Кортеж“ од 2019-та година ќе им биде достапен на купувачите на пазарот.

„Кортеж“ е проект кој што пред неколку години беше започнат под иницијатива на рускиот претседател Владимир Путин, на рускиот пазар да се појави линија на домашни, луксузни лимузини и теренски автомобили.

Идејата е рускиот претседател да има посебно возило, но паралелно со тоа да биде развиена линија за останатите државни функционери, како и специјализирани возила, моноволуменски автомобили, теренци, седани и слично.

Дел од моделите ќе влезат и во сериско производство и ќе бидат достапни за сите купувачи. После неколку години развој на проектот, министерот за индустрија и трговија на Русија, Денис Мантуров потврди дека новиот автомбил на путин ќе биде достапен за време на претседателската инаугурација на пролет оваа година.

„Од следната година, кој што ќе посака ќе може да порача било каква модификација, без оглед дали станува збор за блиндиран или високотехнолошки модел. Нема да има ограничувања на продажбата“, изјави Мантуров.

Рускиот премиум бренд би требало да биде поевтин од странската конкуренција за околу 15%, порача рускиот министер.

„Кортеж“ планира во 2018-та година да произведе 70 возила, идната година 200, а до 2020-та година да надмине 300 автомобили. Планот на Русите е во следната деценија производството да надмине илјада возила годишно.