Зависноста од видеоигри ќе се третира за болест

Светската здравствена организација годинава во годишната ревизија на Интернационалната класификација на болести официјално ќе ја признае за болест зависноста од видеоигри. Светската здравствена организација ја дефинира зависноста од видеоигри како „постојано или континуирано однесување кога некој нема контрола врз тоа колку време игра, го става играњето видеоигри пред другите приоритети во животот и продолжува да игра и покрај негативните последици. Ова однесување е толку сериозно што може да резултира со нарушување на приватниот, семејниот, социјалниот, образовниот, професионалниот и други аспекти од животот на поединецот“.

Поедноставно кажано, зависноста од видеоигри е играње игри без чувство за време и без волја за сопирање. Кога ќе биде објавена ревизијата на Интернационалната класификација на болести, оваа здравствена состојба ќе биде подефинирана. Симптомите, генерално, треба да ги има повеќе од една година за некој да се дијагностицира со оваа болест, но во екстремни случаи може да се дијагностицира за пократок период, велат од Светската здравствена организација.

Како што пишува Mashable, во минатото зависноста од видеоигри во неколку наврати имаше екстремни последици, вклучувајчи и смртен случај во 2005 година кога еден млад човек играше StarCraft повеќе од два дена без речиси никакво прекин. Во 2010 година, пак, брачен пар зависен од видеоигри го запостави своето 3-месечно бебе, кое почина од неухранетост. За жал, Светската здравствена организација не нуди информации за превенција или третирање на ваквото нарушување на здравјето.