Alexa на Amazon доминира во божиќната сезона

Amazon е победник на годинaшната божиќна сезона. Апликацијата Alexa, која е потребна за да работи Amazon Echo и други производи со дигиталниот асистент, беше топ апликација за Android и iOS на Божик, пишува Business Insider.

Благодарение на фактот дека продавниците за апликации забележуваат во реално време што симнуваат најмногу луѓето, тоа е силен индикатор дека производите Echo се едни од најпопуларните подароци за празникот.

Amazon не открива колкави се продажбите на уредот, но во соопштението наведува дека „Amazon Devices исто имало најдобра празнична сезона до сега, со десетици милиони уреди со Alexa, продадени низ целиот свет“.

Google Voice Assistant исто така била популарна. Апликацијата Google Home е рангирана на второто место во продавницата за апликации на Android, а шеста во платформата за апликации на iPhone.

Додека расте бумот на паметните звучници, Apple остана настрана во оваа празнична сезона. Компанијата го одложи пуштањето на својот HomePod пред неколку недели. Првичната идеја беше да го објави во декември, но Apple објави дека тоа ќе се случи на почетокот од 2018 година.