Русија во текот на вчерашниот ден ја лансираше својата ракета „Сојуз“, но неколку часа после лансирањето пристигна информација дека бил загубен секаков контакт со ракетата.

Ракетата која што носеше метеоролошки сателит беше лансирана од новиот руски космодром „Восточни“ на далечниот исток од земјата, космодром кој што е важен дел од руските планови за истражување на вселената.

Исто така, важен дел од тој план е и сателитот со кој што беше изгубен контактот. Станува збор за метеоролошкиот сателит „Метеор М2-1“ кој што е лансиран со цел да изврши мисија со траење од пет години – која ќе собира податоци за климата и временските услови за руската државна метеоролошка агенција.

Лансирањето на почетокот одело според планот, но неколку часа после тоа, руската вселенска агенција „Роскосмос“ соопшти дека бил загубен контактот со сателитот „Метеор М2-1“.

„За време на првата планирана комуникациска сесија со вселенскиот брод, не беше возможно да се воспостави врска затоа што не достигнала до целта во орбитата“, соопштија од „Роскосмос“.

Според извештаите, „Метеор М2-1“ требало да се издвои од ракетата која што го носела и да започне со својата мисија недолго после лансирањето, но тоа не се случило. Според руски „Интерфакс“, руската вселенска агенција веќе не ни знае каде се наоѓа.