Руски милијардер ќе финансира „лов“ по вонземјани на Енцелад

Рускиот технолошки милијардер Јури Милнер вели дека планира да ја претрка НАСА со мисија на Сатурновата месечината Енцелад во потрага по вонземски живот.

„Едно големо прашање што го поставуваме во нашата фондација е: дали сме сами во универзумот?“, рече Милнер, кој ѝ вети 200 милиони долари на Иницијативата за откритија, организација што ја основа во 2015 година, а која ја следи вселената и развива средства за вселенско патување.

Говорејќи на конференцијата во Сиетл „Нова вселенска ера“, Милнер рече дека неговиот научен тим верува дека постојат три потенцијални локации за вонземски живот во нашиот сончев систем: под површината на Марс, на Јупитеровата месечина Европа и „најнадежниот кандидат“, Енцелад.

Оддалечена 1,27 милијарди километри од Земјата, Енцелад има површинска температура под минус 200 Целзиусови степени, но се смета дека има огромен врел потповршински океан што исфрла водени гејзири.

„Формиравме мала работилница околу оваа идеја: можеме ли да дизајнираме евтина, приватно финансирана мисија на Енцелад, која може да почне релативно скоро и со која ќе може подетално да се погледнат тие гејзири, да се обидеме да видиме што се случува таму?“, рече Милнер.

Тој рече дека хемискиот состав на водената пареа исфрлена од гејзирите на површината, може да даде „непобитен доказ за живот под животот“. Но тој ги смири страстите велејќи дека не очекува да најде „интелигентен живот, туку можеби микробен живот, или нешто посериозно“.

Голем дел од сознанијата за Енцелад, која има дијаметар од 500 километри, доаѓаат од неодамна завршената мисија Касини на НАСА, која за време на своите прелетувања направи детални фотографии од месечината.

Милнер, чиешто нето-богатство се проценува на 3,5 милијарди долари, рече дека планира да ја испрати својата сонда – чија точна форма и маршрута сè уште не се утврдени – „пред некоја поскапа мисија од НАСА, која може да почне дури и за десет години“.

Извор: МКД.мк