Децата во Кина ќе можат да играат видеоигри само еден час дневно

Од кинеската компанија Tencent објавија дека во Кина уште не постојат регулативи со кои би се намалила зависноста од видеоигри, особено кај најмладите. Поради тоа тие одлучија да преземат иницијатива и со помош на родителите да го ограничат времето кое децата го поминуваат играјќи игри на мобилни уреди.

Родителите во Кина се особено загрижени поради времето кое нивните деца го поминуваат играјќи ја популарната игра на Tencent, King of Glory, но и за количината пари кои ги трошат на играта. Затоа од Tencent го ограничија времето кое децата помали од 12 години смеат да го поминат на играње игри на максимум еден час дневно и нема да смеат да играат после 21 часот. Постарите деца максимално ќе можат да играат два часа дневно.

За да го остварат тоа во Tencent моментално работат на подобра метода за потврда на идентитот, така ѓто корисниците кои го немаат потврдено идентитетот и годините повеќе нема да можат да играат нивни игри.

Kings of Glory дневно има околу 50 милиони активни корисници, а многу родители и наставници во Кина сметаат дека децата поминуваат премногу време играјќи ја играта. Според некои податоци, некои од нив потрошиле повеќе илјади долари од картичките на родителите за да остварат подобри резултати.

Играњето онлајн игри е се поголем проблем за децата, но и за постарите, па некои земји веќе презедоа конкретни чекори за да се намали зависноста. На пример, Јужна Кореја донесе закон со кој се забранува играње видеоигри за пмлади од 16 години меѓу полноќ и 6 часот наутро, додека на гејмерите во Јапонија кои премногу време поминуваат во виртуелен свет по некое време ќе почнат да им се појавуваат скокачки прозорци кои ќе ги предупредуваат дека е време да се одморат од играње.