Новости стигнуваат во YouTube, а тие веќе беа ставени во фаза на тестирање кај некои корисници. Платформата има намера да воведе опција наречена „слика во слика“ на компјутерската верзија на овој вебсајт.

Оваа опција е веќе од поодамна достапна на апликацијата за Android и iOS, а со неа корисниците можат да го минимизираат прозорецот во кој е пуштено видеото и да го спуштат во долниот дел од екранот за да продолжат да го користат YouTube.

Ако вие сте еден од среќните случајно одбрани корисници, тогаш ќе можете да продолжите да го гледате видеото додека истовремено ги користите другите опции на YouTube. Исто како на смартфон апликацијата, ќе можете да ги користите сите контроли додека трае видеото, додека тоа е прикачено на долниот десен агол од вашиот екран.

Под прозорецот ќе биде напишано името на видеото кое во моментот е пуштено, а со притискање на името ќе се отвори и плејлиста со видеа поврзани на она што во моментот го гледате. Според 9to5Google, тест-опцијата не може да биде исклучена.

Засега не е познато дали оваа опција им е достапна само на одредени корисници на YouTube Red, или случајно одбраните корисници можат да ја добијат и на нивниот обичен YouTube профил, но се очекува по краткиот тест-период таа да биде имплементирана кај сите профили низ светот.