Компанијата HTC работи на новиот паметен телефон U12 Plus, а сега протече и првата фотографија која открива како ќе изгледа најмоќниот телефон на HTC досега.

Како што е вообичаено, познатиот аналитичар Иван Блес прв ја објави фотографијата од новиот U12 Plus. Станува збор за телефон со прилично голем екран кој има минимални рабови, две камери на задната страна, а дизајнот потсетува на неговите претходници U11 и U11 Plus.

Под двете камери на задната страна поставени хоризонтално една до друга, се наоѓа блицот, а веднаш под него е сместен сензорот за отпечатоци на прсти.

Спецификациите се познати од претходно, па така, познато е дека U12 Plus ќе пристигне со 6-инчен LCD екран со WQHD+ резолуција, најновиот и најмоќен процесор на Qualcomm – Snapdragon 845, потоа 6 GB RAM и 256 GB интерна меморија. Уредот ќе го напојува моќна батерија со капацитет од 3,420 mAh.

Покрај тоа, на задната страна, камерите се со резолуција од 12, односно 16 мегапиксели, а напред се сместени исто така две камери со по 8 мегапиксели. Телефонот е отпорен на вода и прашина по стандардот IP68, а го користи оперативниот систем Android Oreo.

Новиот HTC U12 Plus официјално ќе биде претставен во мај.