Приватен колекционер од Азија го купил најскапиот фотоапарат некогаш понуден на аукција. Тој во својата колекција го додал исклучително реткиот модел на фотоапарат Leica 0-series (no. 122), купен по цена од неверојатни 2,4 милиона евра (основна цена од 2 милиона, плус 400.000 евра како премија за аукциската куќа).

Аукцијата се одржала изминатиот викенд во Виена, а на лицитацијата учествувал и Андреас Кауфман, мнозински сопственик и претседател на компанијата „Лејка“.

Организаторот на аукцијата, аукциската куќа WestLicht, соопшти дека астрономската цена е резултат на фантастичната состојба во која се ноѓал стариот фотоапарат.

Од овој вид апарати биле произведени само 25 примероци од страна на Ернст Лејка во 1923 година, две години пред првиот официјален фотоапарат „лејка“ да се појави на пазарот.

Од аукциската куќа тврдат дека од споменатите 25 примероци, само за три се знае дека и натаму се во оригинална состојба.

Оваа продажба го надмина претходниот рекорд од 2012 година, што исто така ѝ припаѓаше на „Лејка“, кога апаратот Leica 0-series (no. 116) беше продаден 2,16 милиона евра.