Google Lens е алатка која ви овозможува да скенирате различни објекти со камерата и да добиете различни информации за нив. На пример, можеме да разбереме каков вид е одредено растение или да научиме повеќе за архитектонски објекти и многу повеќе. Google Lens нуди и опција да снимите визит-карта и смартфонот автоматски да создаде контакт во вашата листа со релевантни информации, Досега, сепак оваа корисна функционалност беше достапна само за уредите Pixel.

Google планираат да го отстранат ова ограничување и веќе почнаа да шират надградба, која ќе им овозможи на сите сопственици на смартфони со Аndroid да користат Lens. За да го направите тоа, неопходно е да ја инсталирате најновата верзија на апликацијата Google Photos, информира TheVerge. Компанијата појасни дека кај некои модели на производителите функцијата ќе може да се активира и од услугата Google Assistant, откако интеграцијата ќе биде факт до „неколку недели“. Исто така се очекува и iOS верзија на Google Lens.

Новата функција користи алгоритми со машинско учење, за да препознава и разбира што гледа пред себе и да обезбедува најнови информации за самите објекти. Оваа функција е исто така погодна за скенирање постери, насловни на книги и албуми. Ако сакате да проверите дали Google Lens е достапен за вас, треба да ги отворите Google Photos и да кликнете на фотографија. Во средишниот дел на сликата треба да има нова Google Lens икона од која можете да дознаете повеќе за објектот што сте го снимале.